ОБНОВЕНО: ПО ОБИЛНИТЕ ДОЖДОВИ, ПОПЛАВИ НИЗ МАКЕДОНИЈА
Поројниот дожд што зафати делови од Македонија предизвика излевање на водата од речните корита, поплави во некои населени места, прекини на патни правци и на снабдувањето со електрична енергија. Поплавени се замјоделски површини со житни и овошни култури, а направена е и материјална штета во велешкиот, штипскиот, струмичкиот и кумановскиот регион.
Во текот на ноќта и утрото, соопштуваат од ЦУК, добиени се информации за одрон на автопапатот Демир Капија – Удово и на патот Неготино – Штип кај Серта. Oд ЈП Македонија Пат се преземени мерки за расчистување на одроните.
Заради оштетување на железничката пруга кај Демир Капија од 08:55 часот во прекин беше железничкиот сообраќај на правецот Демир Капија – Гевгелија.
Од „Специјалниот завод“ во Демир Капија било добиено барање за испумпување на вода од подрумски простории. Известени се во ТППЕ Неготино од каде е испратена екипа за интервенција.
Скинат е и заштитен насип на река Бошавица во Демир Капија при што била поплавена ул.„Партизанска“ и се работи на санирање на насипот.
- Дојдено е до излевање на Војшанска река при што биле поплавени 10 – тина куќи во село Војшанци. Се чека да опадне нивото на водата за да може да се утврди штетата и да се интервенира. Настава во училиштето се одвива но заради надојдената вода нема пристап до училиштето. Од надојдените води оштетен е мостот на реката помеѓу селата Војшанци и Бистренци, информира ЦУК.
Во штипскиот регион заради обилните врнежи од дожд во месноста Глобица појавено е свлечиште на асфалтниот пат на патниот правец Киселица-Ратавици-Злетово во должина од 30-тина метри. Според ЦУК, нема загрозени станбени ниту инфраструктурни објекти.
Патниот правец кон Злетово е затворен, а возилата се пренасочуваат преку Леговец и Добрево. Екипа од Македонија пат работи на санирање на патот.
Во претпладневните часови дошло до излевање и на Блаталиска река во село Лакавица заради што биле исклучени пумпите од локалниот водовод. Има излевање и на Крива Лакавица при што се поплавени обработливи површини.
Зголемен е водостојот на реките и каналите во општина Чешиново - Облешево. Ободниот канал кај село Бање-Злетовска река прелива кај село Бање. Од подземните води во селата Уларци, Облешево и Чешиново поплавени се дворни површини.
Во општина Кочани пријавени се поплавени дворови во село Подлог Екипа од ТППЕ – Кочани интервенира на испумпување на водата од поплавените дворови.
Од општина Конче известуваат дека во моментот реката Конечка е излеана од речното корито и поради тоа е во прекин патниот правец Радовиш - Конче. Има одрони на патниот правец Конче – брана Мантово - Штип при што истиот е во прекин.
Има прекин на електричната енергија во селата Конче, Лубница, Ракитец и Габревци. Екипи на ЕВН се на лице место.
Патниот правец Смоквица – Миравци е во прекин поради излевање на Петрушка Река во близина на н.м. Милетково, до самиот мост. Како што информираат од ЦУК, екипи од „Македонија Пат“ оспособиле влез за селото Миравци од кај село Удово. Патниот правец кон н.м. Моин е во прекин заради излевање на Сува Река пред и по мостот.
Помеѓу 13:30 и 14:00 часот општина Валандово, соопшти ЦУК, била зафатена од пороен дожд проследен со ситен град. Регистрирано е излевање на река Вардар кај село Марвинци при што се поплавени 90 хектари со овошни насади и житни култури.
РЦУК – Куманово информира дека на локалниот пат село Шопско Рудари - село Коњух во месноста Врлеј дотечена е суводолица при што е поплавен дел од патот. Училишниот превоз на наставниците и учениците е оневозможен и наставата во село Коњух е во прекин.
Како критични подрачја каде е можно значително зголемување на водостојот и локално излевање на водата од речните корита, ЦУК ги посочува сливот на реките Брегалница, Крива, Треска кај месноста Пласница и низводно до Девичката клисура, Пчиња кај Пелинце и по составот со нејзината лева притока реката Крива, како и Струмичкиот регион.
Градоначалникот на Општина Радовиш, Сашко Николов информира дека речното корито на река Сушица прелеја, а радовишка Стара Река речиси беше полна со вода, од надојдените води поплавени се голем број станбени објекти во градот и селата, земјоделските посеви во Радовишко поле, исто така се поплавени, а штета има и во индустриските капацитети. Градскиот водовод, исто така претрпе големи штети од невремето, а населението во дел од градот Радовиш е без вода.
Влезот во градот за кратко беше затворен поради надојдената вода, а сообраќајот се регулираше од страна на сообраќајна полиција. Како што информираат од Општината, во текот на целиот ден на терен беа екипите на ЈП Плаваја и ППЕ Радовиш кои интервенираа со сите можни расположливи сили.
Координативното тело ја следи состојбата со зголемените водотеци
Координативното тело ја следи состојбата со зголемените водотеци и е во постојана комуникација и координација со надлежните институции кои се подготвени да интервенираат во случај на зголемување на водостојот на реките.
Според последните информации од УХМР како критични подрачја каде е можно зголемување на водостојот и локално излевање на водата од речните корита сливот на реката Брегалница, сливот на Крива Река, сливот на река Треска кај месноста Пласница и низводно до Девичката Клисура, река Пчиња кај Пелинце и по составот со нејзината лева притока р.Крива како и Струмичкиот регион.
Во соопштението се наведува дека на овие места состојбата моментално е под контрола и се следи.
На места каде има поплавени површини или одрони на патиштата, тимови вршат испумпување на водата односно се врши расчистување на патиштата. Информациите од ЦУК се дека и таму состојбата е ставен под контрола.
Од Координативното тело ги повикуваат сите градоначалници да ги ангажираат сите расположливи ресурси и да помогнат во санација на оштетените површни.
Од УХМР информираат дека во текот на целото претпладне во источните делови од земјава имаше локални поројни врнежи од дожд, проследени со грмежи и засилен, а на места повремено и силен ветер (во струмичко околу 100км/час). Имаше и појава на ситен град во општина Конче, а во Струмица појава на град, ретки зрна и со големина на орев. Нестабилноста која се протега од Кожуф, па се до Осоговските Планини постепено се поместува кон исток и североисток.
Најмногу дожд 62 литри на метар квадратен има наврнато во Пожар 62, Крива Паланка 55, Штип 41, Демир Капија 40, Виница 30, Гевгелија 19, Струмица 14, Берово 7 и во Гуриште 5, Скопје 3 и во Охрид, Прилеп, Тетово, Маврово, Крушево, Тополчани и во Лазарополе еден литр на метар квадратен.
Преку ноќта ќе преовладува облачно време локално се уште ќе има повремени врнежи од дожд но со послаб интензитет, на планините со повремен слаб снег.
Во наредните денови ќе преовладува променливо облачно време со локален повремен дожд, на планините и на некои повисоки места со повремен снег.
Воедно се апелира до сите градоначалници доколку имаат било каква потреба од помош да се обратат до Дирекцијата за заштита и спасување.
Извор: “Утрински Весник“
|