Младински супер оркестар – заеднички проект на три музички училишта од Македонија, Србија и Словенија
Големиот број успешни активности во изминатиот период придонесоа ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј" да го привлече вниманието и интересот за соработка со многу музички училишта во Европа. Интересот за вклучување на средното музичко училиште во голем број меѓународни проекти е голем и во наредниот период се планирани повеќе активности.
„Една од тие активности, која за нас беше посебно интересна и со задоволство ја прифативме е учеството во проектот ’Младински супер оркестар‘. Станува збор за оркестар составен од ученици-средношколци од музичките училишта во Словенија, Србија и Македонија. Посебно не привлече идејата што ќе бидат изведени композиции од композитори од овие три држави. Веќе се испратени двете македонски композиции кои учениците од Словенија и Србија ги спремаат – ’Тешкото‘ од Глигор Смокварски и ’Пајдушко‘ од Сони Петровски“, изјави раководителот на проектот Наташа Малиновска.
Композиција од Србија ќе биде “Голема чочек игра“ од познатиот српски композитор Петар Коњович, додека од Словенија е композицијата „Словенски народни танци“ од композиторот Алојз Среботњак.
Концертите во Словенија и Србија ќе се одржат во Словенечката филхармонија (Словенија) и во големата сала на СКЦ во Белград (Србија), а во Македонија концертот ќе биде во новиот Македонски народен театар. Концертите се веќе закажани и ќе се одржат на 29.03. во Словенија, 30.03. во Србија и 1.04. во Македонија.
„Посебно ме радува што за овој проект освен досегашниот интерес за поддршка на ваквите проекти од страна на Министерството за образование и наука на РМ и Министерството за култура на РМ, интерес покажаа и неколку Општини од каде што потекнуваат учениците кои пројавија желба финансиски да го помогнат нивното учество и да ги покријат неопходните трошоци“, изјави Јован Бицевски, директор на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Претходните сезони овој оркестар имаше сложени и успешни турнеи во најпрестижните сали во Словенија, Италија, Србија, снимања за телевизии и секогаш преполни сали со воодушевена публика. Музичката јавност во Србија по гостувањето на оркестарот во Белград, овој оркестар го прогласи за концертна сензација за 2013 година, соопштија од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје.
Извор: “МКД“
|