Шесте центри на НАТО од кои ќе ја држи Русија на нишан
НАТО во следните неколку месеци ќе постави командни центри во шест европски држави, најавил денес генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг, во рамки на планот за реакција на однесувањето на Русија.
Овие центри ќе формираат синџир од командни центри за најавените сили за брзи реакции од околу 5.000 војници, за што деталите би требало да се усогласат на состанокот на министрите за одбрана на НАТО следната недела, пренесува Вол стрит џурнал.
Центрите во Полска, Романија, Бугарија, Летонија, Литванија и Естонија ќе овозможат и врска меѓу НАТО и оружените сили на тие земји.
Столтенберг на конференцијата за новинари во Брисел побарал од членките на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана за да му се парира на рускиот воен буџет.
Тој најавил дека ќе се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на маргините на безбедносната конференција во Минхен за две недели.
„Особено кога времињата се тешки, како сега, важно е да се сретнеме и да ртазговараме за тешките прашања“, кажал Столтенберг.
Командните центри делумно треба да бидат предупредување за Русија и да ги смират сојузниците во0 НАТО кои се сѐ понервозни поради агресивните активности на Русија во Украина, пишува ВСЏ.
Формирањето на силите за брзи реакции, кои ќе можат да бидат ангажирани во рок од два часа во случај на воинствени потези на непријателот, е најсилниот чекор на НАТО за јакнење на одбраната отркако Русија го анектираше Крим и почна да им помага на сепаратистите на истокот на Украина, додава американскиот весник.
„Тоа ќе биде најголемото засилување на нашата заедничка одбрана од крајот на Студената војна“, изјавил Столтенберг.
Во секој команден центар во шесте источноевропски земји ќе има околу 50 членови на воениот персонал од различни членки на Алијансата. Тоа е некој вид на компромис меѓу источноевропските членки, кои сакаат вистински бази на НАТО на своите територии, и другите членки кои се воздржуваат од изградба на скапи објекти кои би можеле да ја испровоцираат Москва.
Командните центри ќе бидат отворени во 2016 година кога треба да станат оперативни новите сили за брзо реагирање, а до тогаш преодниот облик на тие единици ќе го предводат Германија, Холандија и Норвешка.
Извор: “МКД“
|