Москва: Политиката на ЕУ не води никаде
Одлуката на Европската унија (ЕУ) да продолжи со санкциите кон Русија поради случувањата во Украина е деструктивна политика која не води никаде, соопштиле од руското министерство за надворешни работи.
„Време е Европската унија навистина да размисли за последиците од задржувањето на санкциите кои само им носат штета на народите и економиите на нашите земји“, се вели во соопштението од Москва, пренесува AFP.
Како што е наведено во соопштението, Русија се чувствува разочарано од одлуката на ЕУ во четвртокот да додаде нови имиња на листата на санкционираните.
„Едностраното гледање на Брисел на судирите во Украина му го одзема правото да се однесува како непристрасен посредник“, се вели во соопштението на руското министерство.
Руското МНР исто така го обвинило Киев за предизвикување на неодамнешниот нов бран на насилство на истокот на Украина, за да влијае на министрите за надворешни работи на ЕУ.
„На сила и натаму остануваат нашите конкретни предлози за решавањето на состојбата во Украина и враќањето на европскиот процес на конструктивен пат“, стои вo соопштението.
И постојаниот претставник на Русија при Европската унија, Владимир Чижов оценил дека одлуката на Брисел да продолжи со санкциите до септември, „е за жалење“.
„Тие гледаат на работите на таков ограничен начин, ЕУ всушност дополнително го тестира нашето партнерство – партнерството меѓу Русија и ЕУ, што е за жалење“, рекол Чижов, коментирајќи го состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ, на кој беше додадена одлука за продолжување на санкциите кон Москва./крај/мф/бс
http://makfax.com.mk/svet/evropa/moskva-politikata-na-eu-ne-vodi-nikade
Извор: “Макфакс“
|