Толе Паша односно Стојан Кулески или Стојан Трајков Куликов (с.Крушевица, Мариовско, 1868 – месност Кленов Дол, до с.Гуѓаково, Мариовско, 3 февруари 1904) е македонски револуционер и борец кој бил член на ТМОРО и четник во четата на Мирче Ацев – Оровчанецот. Според народните кажувања тој се одметнал и станал комита, откако убил Турчин кој сакал да ја граби неговата невеста. Подоцна Толе Паша бил мариовски војвода. Во Илинденското востание учествувал во нападот на гарнизонот во с.Витолиште.
Загинал со својот син, Велјан, и со осум четници во борба со османлиската војска. За него се испеани познатите народни песни „Кондисал ми Толе Паша во това село Градешница“ и „Абре бабо, стара бабо, кој војвода беше снпшти у вас на вечера дали беше Толе Паша или Петко од Маково“.
Толе Паша значајна револуционерно – историска фигура
Во многу населени места во Македонија, од средините на народот излегуваат самородени револуционери и војводи, кои се издигнуваат во свеста на народот, за кој тој испеал и песни. Една таква револуционерно-историска фигура е и мариовскиот војвода Толе Паша, заштитник на сиромасите, прогонувач на турските угнетувачи и бегови во мариовско. Толе Куликов е роден во мариовското село Крушевица. Кога пораснал, станал слуга на еден беговски имот. Толе Куликов бил неписмен, но по душа мошне правичен. He можел да ги трпи неправдите и тортурите што беговите и газдите ги наметнуваат над рајата. Толе станал ајдутин и ликвидирал неколку Турци. Пленот што го пленувал од беговите и газдите, го разделувал на сиромасите.
Притиснат од турските потери, Толе ја минал Црна Река и се префрлил во селата на Старо Мариово – Зовиќ, Старавина, Груништа, Будимерци, Градешница, Бешишта и други. Толе формира своја вооружена чета, која станала страв и трепет за Турците, при прибирање на даноци и други давачки за турската власт. Во четата на Толе Паша се приклучил и Трајко Брниклијата, кој се до смртта му останал верен другар и соработник на Толета. Кога се создала Организацијата на ВМРО и почнала да се шири нејзината мрежа низ цела Македонија, преку околискиот прилепски војвода Петре Ацев бил заколнат и примен во Организацијата и Толе Паша. Тој се обврзал дека ќе го почитува Уставот (Статутот) на Организациајта. Толевото име прераснува во легенда. Тој е по планината, раскрсниците, секаде во Мариово. Легендата зборува, дека Толевото тело куршум не го пробива. Во борбата против беговите си го издигнал името во Толе Паша, бидејќи по цело Мариово се распоредувал како турски паша. Толе Паша ковал план да ја турне турската власт во Мариово па и во цела Македонија.
Селото Градешница, поради неговата местоположба станало “тврдина” за четата на Толе Паша. Градевци се грижеле за четата и предупредувале при наближување на турските потери, а за тоа, во една пригода, старецот Илија Гуцев (сега покоен) ни рече:
- Во Горно Маало на Градешница, односно, во куќата на Бурлијата, беше сместена на вечера четата на Толе Паша. Во тоа време во Долно Маало на коњи пристигнаа 50 души турски аскер. Митре Гулев – селски годишен коџобашија, ги смести Турците и на комитите им приредивме богата вечера со пијачка и не дозволивме да дојде до судир меѓу нив за да не настрада селото. Во придружба на вечерата, со аскерот беше коџобашијата Гулев, а од името на Организацијата со комитите на вечера беше Илија Гуцев. Следното утро турските војници заминаа за Витолишта, без да знаат дека истата ноќ во Градешница преноќевала и четата на војводата Толе Паша. Истото утро и четата на Толе Паша се повлекла кон Налевите Бичкии во планината Уруп. Толе Паша, на вечера доаѓаше и кај Митре Гулев, Илија Гуцев, Стале Босеов и други градевци. Во селото Старавина навраќаше кај семејството Сивеви. Кога некој селанец од мариовските села ќе се дознаеше дека работи во полза на турците или ќе го прекршеше Уставот на Организацијата, Толе паша се закануваше: “Јас сум ви Паша, јас сум ви кадија, јас сум ви султан”. За војводата Толе Паша народот испеал песна уште пред Илинденското востание, а таа гласи:
„Мори, бабо, стара бабо, нешто ќе те питам, право да ми кажеш, бабо, без да ме излажеш.
Кои војводи беа, бабо, у вас на вечера, дали беше Толе Паша или дедо Кољо?
Дал ме питаш, море аго, право ќе ти кажам, право ќе ти кажам, аго, без да те излажам.
Ниту беше Толе Паша ниту дело Кољо, туку беше Гоце Делчев со негова верна дружина.
У нас вечераа, аго и си заминаа, и си заминаа, аго, за Кожув планина.“
(6 – Илинденска епопеја I стр. 85-86 Ангел Динев.)
Оваа песна се смета дека е испеана во 1902 година, во чест на Гоце Делчев, кога тој во есента 1901 година ја посетил и четата на Толе Паша воПрилепско, односно Мариовско и четата на Дедо Кољо во Леринско. Тогаш Гоце Делчев извршил ревизија на сите чети и реони во Македонија.
Меѓутоа во Хуриетот во 1908 година, врховистите тенденциозно во песната место Толе Паша и Дедо Кољо, го споменуваат името на Тодор Александров, a со цел тој да се издигне и се популаризира како делото на Гоце Делчев.
Кога стана катастрофата со илинденското востание, Толе Паша не го напуштил Мариовскиот револуционерен реон, иако како војвода бил поканет да замине во Бугарија. Толе Паша, како Ѓорги Сугарев, Христо Узунов и други војводи, останал во Македонија да ја дели судбината заедно со својот напатен народ.
Во една есенска ноќ 1904 година Толе Паша со својата чета од 11 души ја напуштил Градешница и преку Бешиште и Врпско се задржал во селото Гудјаково. Утрото на 14 октомври истата година, при напуштање на селото, четата на Толе Паша налетала на многубројна турска заседа. Се разврзала четиричасовна крвава борба меѓу аскерот и комитите на Толевата чета. Во оваа борба храбро загинал војводата Толе Паша и речиси целата негова чета. Во борбата загинал и Толевиот син Велјан.
Организацијата се ангажирала да ги пронајде и ликвидира предавниците за смртта на војводата Толе Паша и неговата чета. Во казнување на предавниците се ангажирал и единствениот преживеан четник од Толевата чета. My биле запалена куќата на предавникот од с. Гудјаково. Убиен е и еден шпион од село Вепрчани и уште еден шпион по име Христо од село Будимерци.
Во своите “Спомени” Крсте Гермов – Шаќир, кој за време Илинденското востание бил секретар во Толевата чета, ќе го нарече својот другар Толета “голем, но заборавен”.
Толе Паша минувајќи низ ајдутската етапа, се вклучува во организационо – национално револуционерно движење и директно учествува во епопејата на Илинденското востание. Народниот пеач ќе запее за Толета, уште со неговото заминување во ајдутин:
“He плачи мајко, не жали, мори, не жалај, не рони солзи крвави, мале, крвави, по твои бели образи, мале, образи, оти ќе станам ајдутин, мале, бунтовник. Турчинот не го јаствам, мале, јаствам, Турчин да ми се башари, мале тамбори на татковото јагнишче, мале, јагнишче, на мајконото катиште, мале, катиште, на сестрината постела, мале, постела…”
И пo загинувањето на војводата Толе Паша, народниот пејач пак ќе запее:
“Жалете го браќа Толе војводата, кој што загина за нашата слобода…”
Кога на валијата од Битола му соопштиле дека е убиен војводата Толе Паша, турскиот окружен управител не поверувал. За да го уверат, војниците на турската потера му ја пресекле главата и му ја донесле на валијата во неговата канцеларија во Битола. Валијата се згрозил од постапката на своите потчинети и наредил веднаш главата да ја вратат кај телото на Толета.
Преземено од: http://www.itarpejo.org/
Извор: “oldprilep“
|