Стефан Шашков е роден 1963 во Скопје. Дипломирал на Институтот за Историја на уметност и Археологија при УКИМ, во Скопје, 1991 година.
Самостојни изложби: - 1998, Скопје, CIX галерија, аудио/видео проект “WaterScapes”, - 2003, Скопје, “Press to exit” галерија, презентација на филмот “Молитва” и фото изложба. - 2005, Скопје, Културен центар “Мала Станица”, премиера на документарниот филм за сликарот Милош Коџоман, “Бои во времето” - 2006, Охрид, “Куќа на Робевци” изложба на дигитални асамблажи “Книга” - 2016, Њујорк, САД, “MC Gallery”, фото изложба “Напуштени храмови”
Награди: - 1994, Скопје, “Кутија со слики”, прва годишна изложба на СЦЦА, проект “Мистериум” (интерактивна инсталација) со уметничката група “Архимедиала”, Специјална награда на жирито. - 2003, Крушево, “Национален ТВ фестивал”, Гран При за филмот “Молитва” - 2006, Струмица, Астерфест, Специјална награда на жирито за докуметарниот филм “Бои во времето” - 2010, Скопје, Кинотека на Македонија и Гете Институт, втора награда за музичкото видео “the soul of the man”, на отворениот натпревар “филм посветен на Вим Вендерс по повод неговиот 65-ти роденден”.
За изложбата “Напуштени храмови“ на Стефан Шашков ќе запишат :
...“ Немите храмови на душата
Тишината не е само отсуство на звук, на шум, или (про)мисла. Тишината е храна, поставена на беконечната трпеза на меѓуѕвездието, во мистичната камара на срцето, сеуште присутна во немиот одек на старите црковни ѕвона, во потемнетите куполи на светот. Таму каде што феноменалното му го отстапило вечното не-место на ноуменалното. Таму кадешто човечките мечти се мешаат со сонот и кадешто желбата на она што никогаш не било станува дел од она што некогаш постоело, а сега е минато. Тоа е храната што интермедијалниот создавач, нашиот пријател Стефан Шашков ни ја дава низ луминозната перспектива на овој фотографски циклус. Набљудуваќи ги, со трпението на планина или планета, овие исечоци од вечноста, како да стануваме свесни за божествениот дар на конечноста, чиј предзнак го дефинира сето наше плотско постоење: - Дали на крајот од мојот неповторлив и оличноснет пат ќе сретнам мир или празнина? Оттаму суштинската провокација во овие призори, онака како што авторот-светлописец ги созерцал, ни се дава како потсетник или патоказ, сокриен зад слоевите од патина, сенки и бездејствие, за она што е вистински живо внатре во нас. Убавина на којашто и е одземено времето. Токму оној есхатонски возглас на архангелот: - Време не ќе има повеќе!!! - не боцнува од овие прекрасни документи на постоењето. Во нив одекнал секој лелек, исчезнала секоја болка, услишана била секоја молитва, умрела секоја желба, се исцедила секоја надеж, пресушила секоја солза, и останал мирот. За нас тоа е подарок. За авторот тоа е вечно распетие.
Методиј Златанов Владика Канадско – Американски
Напуштени храмови
Има ли нешто помистериозно, а би рекол и поромантично од една напуштена градба со религиозна намена? Овие стари ислужени храмови во кои некогаш се одвивале спиритуалните обреди станаа битна тема во времето на доцниот класицизам, периодот кога надоаѓаше новиот уметнички светоглед – романтизмот, а со него овие претстави станаа незаобиколни. Стар антички храм од кој останал само тимпанонот со неколку столбови и со драматично небо во заднината, беа омилените визуелни предизвици на генерации уметници во 19 век, време на големата сентименталност по изгубената чистота на живеењето кога човекот и природата опстојуваа во чудесна хармонија. Но оваа традиција е неколку века постара од времето на романтизмот кога индустриската револуција почна да ги крши сите илузии за обновување на старите симбиози и хармонии на природата и човекот. Така на пример, уште на почетокот на 17 век, кога во Холандија се воспостави сликарството на пејзажот, овие претстави на напуштени стари градби се појавија како круцијални теми во репертоарот на големите пејзажисти какви што беа Саломон и Јакоб ван Ројздал или пак Мајндарт Хобема. Потоа овој чудесен модел на пејзажното сликарство се рашири низ цела западна Европа кулминирајќи кај француските класицисти како што беше Клод Лорен, кој честопати дури и ги реконструираше овие чудесни крајолици досликувајќи фигури и давајќи му живот и човечко присуство на целиот амбиент. Англиските романтичари беа можеби најпредадени на оваа тематика, а нивните почетоци датираат уште од времето на доцниот барок. Томас Гејнзборо, еден од најголеми англиски портретисти на 17-от век, често пати знаеше да му се посвети на пејзажот, а оваа негова посветеност создаде вистински ремек-дела кои подоцна ќе бидат реинтерпретирани на уште пофасцинантен начин од неговите подоцнежни наследници какви што беа Џон Констабл или пак Вилијам Тарнер. Во времето на симболизмот кој како стил потекна од романтизмот, но како контрапункт на егзотеричните интереси на реализмот ги застапуваше езотеричните аспекти на животот, напуштениот, древниот храм стана една проминентна тема, но овој пат акцентот на опсервацијата и интерпретацијата веќе не беше екстериерот со пејзаж во заднината, туку токму обратно – ентериерот и неговата мистичност низ ритуалните стари предмети и илуминацијата на амбиентот, опскурна и таинствена. Секако оваа инспирација дојде од минатото, од мистичното и продуховено сликарство на најголемиот сликар на холандскиот 17 век – Рембрант. Симболистите како Гистав Моро, на пример, направија фасцинантни ремек-дела каде мотивот на ентериерите на древните и изгубени храмови низ времето и историјата повторно беа приведени кон животот и функционалноста, но овој пат како во сон. Подоцна и импресионистите се зафатија со оваа проблематика, а најревносен во варирањето на светлоста и бојата беше токму Клод Моне, сликарот на атмосферата и амбиентот. Темата за напуштените храмови беше исто така омилена и кај надреалистите, кои во напливот на авангардните модификации на реалното имаа сенс или ако сакате го сочуваа она класично и би рекол свето чувство кон изминатите вредности на уметноста. И токму сумирајќи ги сите овие уметнички вредности во еден сублимиран концепт, Стефан Шашков ги создаде своите најнови уметнички фотографии во кои на посреден или пак непосреден начин, во помала или поголема мерка, ќе го доживеете целиот тој сентимент кој низ диоптерот на неговите визии сведочи за еден историско-стилски континуитет. Напуштените храмови на Стефан Шашков не се некакви исфантазирани илузии за изгубениот рај, поточно тоа се повеќе истражувачки подвизи за една специфична и минимизирана спиритуалност, но токму поради оваа изолираност, таа стварност добива на чистота и ексклузивност. Всушност неговиот концептуален пристап, кој во себе ги содржи антрополошките интереси, историскиот куриозитет, прашањата за општествените промени и феноменот на присутноста и отсутноста на човекот во храмот – сфатен како сублимација на севкупната култура на една човечка, па и цивилизациска заедница, без тој незаобиколен и фасцинантен поетски набој кој ги исполнува овие чудесни спиритуални амбиенти, би бил само едно рутинирано и егзактно документирање на овие несекојдневни феномени на нашето време. Но уметникот Стефан Шашков успева да го види невидливото и низ неговиот поетски инстинкт да ни ја предаде таа голема убавина низ својата креација.
Александар Станковски
Трагедијата на напуштеноста сo која што се соочуваме во овие темно блескави фотографии, ме засегна при нивното прво гледање, со огромна сила. После овој визуелен шок, бев во можност да се восхитувам на овие фотографии, на светлината на свеќите што рефлектира на сребрените распетија, дотраените светилки, во очите од портретите на светците, во деловите од стаклените предмети. Овие кијароскурни фотографии изгледаат како да се осветлени одвнатре, како Ел Грековите слики на “Свети Францис” или неговата “Исус на крстот” (1600-1610 год) Моја омилена фотографија е онаа на брилијантна, проѕирна, сијалица која виси пред сцената на Распетието, во која концептот на запоставеност и напуштеност, носи комплексни слоеви на значења. Оваа фотографија асоцира на фотографијата на светилка над главата на една убава жена од фотографот Ед Ван Дер Елскен, насловена како “ Љубовта од левиот брег”. Во овие фотографии, напуштеноста предизвикува чуство на носталгија, на копнеж, што му овозможува на времето да уништи одредена убавина но истовремено овозможува минатото да исчезне достоинствено.
Hans Guggenheim