Литов Намдагжанчивин ќе биде прогласен за почесен член на ДПМ
Познатиот монголски културен деец Литов Намдагжанчивин ќе биде прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија, соопштија од здружението на македонските автори во неделата.
Оваа одлука ДПМ ја донесе како израз на почит кон особениот придонес на Литов Намдагжанчивин во афирмацијата на македонската литература во Монголија и за поттикнувањето и интензивирањето на соработката меѓу македонската и монголската култура.
Чинот на свеченото прогласување за почесен член на македонската писателска асоцијација ќе се одржи на 21 јуни (вторник) во 12 часот во ДПМ. За делото на Намдагжанчивин ќе зборува Драган Јањатов, дипломат и публицист, а модератор на средбата ќе биде Александра Велинова.
Литов Намдагжанчивин е преведувач, архитект и сликар. Долги години е соработник со Струшките вечери на поезијата за кои ја подготви Антологијата на современата монголска поезија. Негови преводи се застапени во познатата едиција на СВП „Плејади“. Резултат на неговата активност е подготвувањето на Антологија на македонската поезија во издание на Монголската академија за култура и поезија.
Литов Намдагжанчивин подолго време непосредно соработува со Друштвото на писателите на Македонија и настапува со преводи и со свои песни на монголски и на македонски јазик. Тој е автор на преводите на стихови од низа македонски поети меѓу кои се Константин Миладинов, Кочо Рацин и Блаже Конески.
Литов Намдагжанчивин е почесен конзул на Монголија во Република Македонија.
Извор: “Макфакс“
|