Длабока и емотивна изведба на Горецки
Ангелина Димоска
angelina.d@novamakedonija.com.mк
Сопранистката Ана Дурловски со прецизната и длабокоемотивна изведба предизвика хиперстимулација на нервниот систем кај публиката. Морници, тага, солзи, чувство на тегобност беа само дел од емоциите и состојбите што Дурловски ги иницира кај слушателите преку феноменалната изведба на солистичкиот дел од „Симфонијата на тажните песни“
Симфонијата број 3 опус 36 („Симфонија на тажните песни“) од полскиот композитор Хенрик М. Горецки е музичка ламентација, израз на тага што не може да се долови преку наративна експресија. Ова генијално дело на Горецки, кое во себе носи автентична атмосфера и емотивност, прозвуче во четвртокот во одлично избалансирана изведба на оркестарот на Македонската филхармонија и неверојатно добра, речиси вонземска изведба на сопранистката Ана Дурловски.
Евоцирајќи ги своите спомени поврзани со создавањето на ова ремек-дело, Горецки во една пригода изјавил: „Тоа беше мојот свет. Музиката беше единствен начин преку кој можев да се соочам со хоророт, да заборавам, иако таков хорор никогаш не се заборава. Морав да бидам сведок. Да предупредам“. Сепак ова дело, како што сугерирал и самиот Горецки, не упатува на инспиративни врски со Втората светска војна и холокаустот.
- Многу членови на мојата фамилија умреа во концентрационите логори. Дедо ми умре во „Дахау“, тетка ми во „Аушвиц“. Знаете каков беше односот меѓу Полјаците и Германците во Втората светска војна. Но и Бах беше Германец, како и Шуберт и Штраус. Секој има свое место на оваа мала планета. Сето тоа е зад мене. Третата симфонија не е инспирирана од војната, не е диес ире, туку нормална симфонија на тажни песни - вели композиторот за ова дело.
Кога ја напишал, Третата симфонија не била типично дело за неговиот дотогашен опус и само делумно се рефлектирала како импулс во неговото понатамошно творештво. Ако сте ја слушнале само неговата трета симфонија, може да се изненадите кога ќе ги чуете другите дела на Горецки. Стилската промена во творештвото на Горецки кон нов тип тоналност во 1970-тите години ги навредила неговите авангардни колеги. Сепак, и покрај големиот успех на „Симфонијата на тажните песни“, Горецки немал исконски порив како композитор да се фокусира на стилот што го промовирал во ова дело.
Првиот и третиот став се напишани од перспектива на родител што изгубил дете, а вториот рефлектира траурна состојба во која детето е одделено од својот родител, од својата мајка. Всушност, евокацијата на врската меѓу мајката и детето е главната наративна, емотивна и психолошка нишка што Горецки музички ја елаборира во оваа симфонија.
Оркестарот на Македонската филхармонија, воден од маестро Емил Табаков, успеа да проникне во длабочината на ова навидум музички едноставно дело, кое во себе крие динамичка и емотивна комплексност. Доколку оркестарот и солистот не успеат да влезат во емотивната музичка приказна на Горецки, тогаш слушателот не може да ја доживее неверојатната стимулација на нервниот систем што ја поттикнува совршената изведба на ова дело. Филхармоничарите посветено, мирно и прецизно ја доловија автентичната атмосфера на ова дело. На моменти можеше да се почувствува мала несигурност во доследното почитување на динамиката и темпото, иако интегрално оркестарот успеа да ги испочитува музичките параметри зададени од композиторот.
Сопранистката Ана Дурловски со прецизната и длабокоемотивна изведба предизвика хиперстимулација на нервниот систем кај публиката. Морници, тага, солзи, чувство на тегобност беа само дел од емоциите и состојбите што Дурловски ги иницира кај слушателите преку феноменалната изведба на солистичкиот дел од „Симфонијата на тажните песни“.
Извор: “Нова Македонија“
|