Празнина КОЈА сјае: Македонија Thursday, 2024-11-21, 12:48 PM
Welcome Guest | RSS
Main | | Sign Up | Login
Main Menu
Main Menu
Statistics
Rate my site
Total of answers: 5
Statistics
Login form
Search
Calendar
«  November 2017  »
SuMoTuWeThFrSa
   1234
567891011
12131415161718
19202122232425
2627282930
Entries archive
Site friends
  • Create a free website
  • Online Desktop
  • Free Online Games
  • Video Tutorials
  • All HTML Tags
  • Browser Kits
  • Main » 2017 » November » 27 » ПАНДЕ ШАХОВ, КОМПОЗИТОР Потценувањето открива несигурност во сопствената вредност
    1:37 AM
    ПАНДЕ ШАХОВ, КОМПОЗИТОР Потценувањето открива несигурност во сопствената вредност

    ПАНДЕ ШАХОВ, КОМПОЗИТОР

    Потценувањето открива несигурност во сопствената вредност

    Ангелина Димовска

    angelina.d@novamakedonija.com.mk

    Најпрво би посакал сите музички институции да воспостават една здрава, професионална атмосфера, во која секој ќе се труди да постигне максимум, и поединечно, но и како колектив. Ставот што инсистира дека еден протагонист е одличен, а сите други се безвредни е непродуктивен

    Панде Шахов е македонски композитор што веќе две децении живее и работи во Велика Британија. Дваесет години во Британија практично одбележува идната година, со еден извонреден проект, кој ќе ја доживее својата британска премиера во Лондон на 21 јануари, во познатата сала „Вигмор хол“. Тоа е „Македонисимо“, проект инициран и осмислен од македонскиот пијанист со интернационална кариера Симон Трпчески. 

    На роденденскиот концерт на Филхармонијата прозвучи вашиот „Прелудиум за оркестар“. Делото има интересна содржина, во која може да се почувствуваат латентни влијанија од џезот...
    - Прелудиумот е напишан во 2004 година, по предлог од диригентот Борјан Цанев, специјално за концертот на Софиската филхармонија во јануари 2005 година. Во тоа време бев импресиониран од американските минималисти Стив Рајх и Џон Адамс, но и од некои европски композитори што пишуваат тонална или модална музика, како Арво Перт, Џејмс Макмилан, Марк Антони Трниџ и Гавин Брајарс. Од друга страна, наеднаш посакав да напишам нешто со призвук на македонски фолклор, но без цитат од песна или оро. Инаку, влијанието на џезот во моите дела не се јавува како синкопиран свинг-ритам, туку преку хармонскиот јазик. Многу колеги од мојата генерација беа инспирирани од комплексната хармонија во џезот, без да посегнуваат по карактеристичното чувство на грув. Мирослав Спасов, Јана Андреевска, Никола Коџабашија и Александар Пејовски имаат сличен интерес кон комплексни модални хармонии и сите ние имавме голема среќа да учиме за хармонскиот јазик на џезот, но и воопшто за музиката, од извонредниот пијанист, композитор и аранжер Илија Пејовски. Токму во ова дело, ми се чини, созреа голем дел од моето разбирање на функционалноста на овој специфичен композиторски јазик. Прифаќањето на оркестарот како можност за синтеза на бои, а не како извор на патетични гестикулации е уште една карактеристика на моето творештво, која се оформи уште со првиот прелудиум, напишан во 2000 година. Сепак, до 2005-та, моите аспирации во оркестрацијата се проширија, и оттогаш во оркестарските дела редовно вклучувам многу поголем корпус на удиралки, како и челеста и пијано.

    Посветуваат ли музичките институции доволно внимание на македонското музичко творештво, во контекст на изведбата на твоето дело во рамките на одбележувањето на јубилејот на Филхармонијата?
    - Како и во другите области во општеството, за да се придвижат работите во продуктивна насока, но и да се надградат постојниот квантитет и квалитет, треба да се вложат заеднички сили. Успехот на еден уметник или научник треба да значи успех на сите, и обратно. Затоа, најпрво би посакал сите музички институции да воспостават една здрава, професионална атмосфера, во која секој ќе се труди да постигне максимум, и поединечно, но и како колектив. Ставот што инсистира дека еден протагонист е одличен, а сите други се безвредни е непродуктивен. Потценувањето открива несигурност во сопствената вредност. Затоа не би сакал да критикувам ниту една институција во однос на тоа колку и како изведуваат македонски композитори. Немам дилема дека колку што попрофесионално се организираат самите институции, толку и ние, композиторите, ќе бидеме задоволни од изведбите на нашите дела. Всушност, просторот за јавна расправа не треба да се троши во борба помеѓу композиторите и ансамблите, туку во борба помеѓу сите актери на уметничката музика од една страна и приврзаниците на безвредниот шунд што се пласира деноноќно од медиумите и лакомите промотори, од другата страна. Македонската филхармонија ја започна сезоната со дело од Бакрнчев, а еден од следните концерти е целосно посветен на Шпато. Ми се чини дека тоа е солидна застапеност, но можеби еден ден ќе успееме да постигнеме на секој концерт да има македонско дело?

    Живеете и работите во Британија, што има ново на професионален план?
    - Следната година ќе наполнам дваесет години во Велика Британија. Симболично, годината ќе почне со еден извонреден проект, кој ќе ја доживее својата британска премиера во Лондон на 21 јануари, во познатата сала „Вигмор хол“. Тоа е „Македонисимо“, проект инициран и осмислен од извонредниот Симон Трпчески, вистински амбасадор на нашата култура, а, со овој проект, и на музичката традиција. Трпчески ми нарача дело за целовечерен концерт и јас напишав серија од шест сплета, со транскрипции од дваесет и тримакедонски ора и песни. Работата беше обемна и вклучуваше слушање брзи и виртуозни пасажи, запишување на мелодиите такт по такт, но и синтеза на традиционалниот звук на македонскиот фолклор со современи и комплексни хармонски и колоритни елементи. Делото е насловено „Плетенки“ и се одликува со исклучително виртуозен и комплексен спој на петтемина вистински мајстори на своите инструменти. Покрај Трпчески, настапуваат Хидан Мамудов на кларинет, кавал и саксофон, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки. Трпчески, покрај пијано, свири и на хармоника, а Нушев голем дел од концертот свири на традиционални инструменти, како тарабука и тапан. Мојот ангажман беше многу повеќе од аранжман; амбицијата ми беше да ги вметнам овие бисери од нашата музичка ризница во мојот звучен хоризонт, експериментирајќи со џез и импресионистички хармонии. Од друга страна, во одредени моменти, поставив очигледни мостови со музиката на Брамс, Шенберг и Рајх, преку цитати и карактеристични гестови. Овој начин на еклектично поврзување со музика на други композитори, својствено на Алфред Шнитке, на пример, е ново искуство за мене. Светската премиера беше во мај оваа година, на фестивалот „Лудвигзбург шлосфестшпиле“ во Германија, по што следуваше и гостувањето на „Љубљанско лето“. По Лондон, проектот патува за Полска, Франција, повторно во Германија, а потоа следува Амстердам, во познатата сала „Концертхгбау“. Особено сум среќен што во јануари материјалот ќе го снимиме со еден од најдобрите британски продуценти. Искуството да се работи со овие петмина исклучително талентирани, искусни и професионални виртуози е несомнено нешто највредно во мојата професионална кариера, и времето поминато во макотрпна заедничка работа на оваа необично комплексна партитура ќе остане во моите сеќавања како еден од врвовите на мојот творечки пат. Не сум етномузиколог и не би се осмелил да го истражувам или оценувам македонското музичко наследство, но работата на овој проект, токму поради стручноста и љубовта кон традицијата што ја негуваат петте музичари, ме направи уште поголем почитувач на нашата музичка ризница. 

    Работите ли на некое ново дело во моментов?
    - Во моментов завршувам едно обемно дело за соло-пијано, посветено на мојот професор Томислав Зографски, од кого научив многу вредни работи. Професорот Зографски беше педагог, кој предаваше со пример, наместо со совет. Поттикнат од неговиот пример, се трудам да зборувам чист македонски јазик, да се однесувам со почит спрема другите, да создавам дела во соработка со музичарите, да откривам дела од други композитори преку секојдневно читање партитури покрај пијаното. Композицијата на која работам е оформена околу цитати од негови дела, кои јас ги носам во насока малку поинаква од неговата. Сличен начин на користење цитати имав и во суитата „Песни и шепоти“, која Симон Трпчески ја нарача за рециталот во Салата на кралицата Елизабета во 2009 година. Во таа суита, оддадов почит кон Шопен, со сличен третман на цитати од неговите дела. Често велам дека пијаното е моја прва љубов, и таа љубов беше поттикната од извонредниот педагог Кармен Костова. Темелноста на пристапот кон техниката, движењата, динамиката и резонанцата на инструментот беа присутни уште од првите часови. Навистина се чувствував специјално, како на најважното место во светот, кога имав час по пијано. Затоа сум им бескрајно благодарен на сите што со својата трпеливост и посветеност ги поставија основите на мојот понатамошен развој како композитор и педагог. Сигурен сум дека многу од методите што ги користам во секојдневната педагошка работа на Кралскиот колеџ за музика во Лондон потекнуваат од моите ученички и студентски денови. Всушност, добрите методи и совети не се забораваат, туку постојано се надградуваат. И по завршувањето на постдипломските студии и докторатот, не престанав да учам од колегите, и тука пред сѐ мислам на изведувачите. Тие се вистински амбасадори на музичкото творештво и најсилниот поттик за нас композиторите. Љубиша Кировски, кој беше солист на роденденскиот концерт на Македонската филхармонија, заедно со сопругата Маја, се вистински генератори на нов репертоар за виолина (или виола) и пијано. Последново прашање ме потсети дека и тие очекуваат да напишам ново дело за нив...

    Извор: “Нова Македонија“

    Views: 193 | Added by: Вељанко | Rating: 0.0/0
    Total comments: 0
    Only registered users can add comments.
    [ Sign Up | Login ]
    Copyright Празнина која сјае © 2024