8/21 Септември РОЖДЕСТВО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА Света Дева Марија се роди од старите родители свои, Јоаким и Ана. Татко и беше од племето Давидово, а мајка и од родот Аронов. И така таа по татко беше од царски род, а по мајка од род архиерејски. Нејзините родители веќе беа остарени, а немаа деца и затоа беа посрамени пред луѓето и смирени пред Бог. И во смиреноста своја се молеа на Бога со плач, да ја израдува староста нивна со дарување на едно чедо, како што некогаш го израдувал старецот Аврам и старицата Сара, дарувајќи им го синот Исак и семоќниот и севидечки Бог ги израдува со радост, која далеку ги надминувала сите нивни очекувања и сите најубави соништа, зашто им дарува не само ќерка туку и Богомајка; ги озари не само со радост времена, туку и вечна. Им даде Бог само една ќерка, која подоцна роди само еден внук, но каква ќерка и каков внук! Благодатната Марија, благословена меѓу жените, храм на Светиот Дух, олтар на Живиот Бог, трпеза на небесниот Леб, кивот на Светината Божја, дрво со најсладок Плод, слава на родот човечки, пофалба на женскиот род, извор на девство и чистота - тоа беше од Бога даруваната ќерка на Јоаким и Ана. Родена во Назарет, а по три години одведена во храмот Ерусалимски, од каде се вратила пак во Назарет, набрзо да ја чуе благовеста на Архангел Гаврил за раѓањето на Синот Божји, Спасителот на светот, од Нејзиното девствено и пречисто тело.