Оваа седмица ја одбележуваме со акцент на академикот и академскиот сликар Никола Мартиноски, по повод 7ми февруари, (денот кога починал). Тој е автор на кој се навраќаме поради неговата историска улога и заслуженото место на врвот во современата македонска ликовна уметност.
Познат е како еден од основачите и прв директор на Уметничкото училиште, додека од 1948 год. е назначен за директор на Уметничката галерија, денес - Национална галерија на Македонија во Скопје. Во 1967 година е избран за член на МАНУ. Добитник е на повеќе високи награди и признанија. Во 1968 година во Крушево, е основана Галеријата на Никола Мартиноски, која претставува голем дел од неговото културно наследство.
Сликарот Мартиноски, сликал во духот на експресионизмот, создавајќи специфично творештво и со својата уметност, ќе биде запаметен во нашата колективна историја, како прв модерен експресионист и основоположник на македонската современа ликовна уметност во нашата земја.
Оваа двострана слика, се наоѓа во Постојаната поставка на Националната галерија на Македонија, во објектот Даут пашин амам. Првпат беше презентирана на македонската јавност, на изложбата Јубилеј по повод 110 години од раѓањето и 40 години од смртта на Никола Мартиноски, која беше отворена во Даут пашиниот амам, на 22 октомври 2013 година.
На аверсот е Акт или поточно полуакт на седната млада жена , која во десната рака држи јаболко, телото е обликовано и издолжено. Телото е насликано со тенки, видливи контури.
Површините меѓу телото се насликани, во долниот предел со темно - црвени (бордо) бои, додека горниот предел е обоен во син инкарнат, со наметливата еротичност, таинствената привлечност и извесни карактеристики за експресионизмот, Цвеќе, околу 1940 година, ( реверсот) припаѓа на жанрот "мртви природи" Фино разработена фактура е постигната чувствителна пастуозна површина.
Грижлив, експресионистички третман на боите на цвеќето, (топла црвена, портокалова, интензивна жолта, зелена и тн.) впечатливо, колористички обработена со заситени топли бои, открива колористичното богатство, напоредно постигнува извесна динамичност, речиси небрежна разиграност на четката. Со "нервозни"потези на четката, низ расчленетото поставување на бојата, со вметнување на цртечки интервенции во одделни делови а особено по контурите. Комбинација на тонско и колористико сликање, ја запазил тонската свежина, а особено ефектните звучни партии на жолтата и зелената боја на цвеќето.