Денешниот неделен ден - меѓу празниците на Вознесение на Синот Божји и Слегувањето на Светиот Дух - секоја година се посветува на сеќавањето на Светите отци од Првиот Вселенски собор на Христовата Црква. Соборот, за кого денес си спомнуваме и кој го прославуваат православните христијани во целиот свет, се одржал во 325 година по Р.Х., за време на царувањето на императорот Константин Велики, во Никеја - град во Мала Азија. Тоа било прв собор на епископи од речиси целиот тој дел на вселената, каде уште во тоа време била објавена проповедта на Евангелието. На соборот биле собрани 318 души. Тогаш за прв пат во историјата - имено откако Римската империја во лицето на императорот Константин започнала да се поклонува на Крстот - пастирите на Црквата Христова можеле да се соберат на толку големо собрание, за заедно, во силата на Светиот Дух, да ги исповедаат основите на црковната вера, наследена од апостолите. Со овој Никејски собор започнува низата на седумте Вселенски собори, кои уште еднаш со целосна јасност пред лицето на целиот свет со помош на силата на Светиот Дух, Кој слегол на денот на Педесетница, ја засведочиле апостолската вера. И учењето на овие седум Вселенски собори на нашата Православна Црква се смета за клуч за верното разбирање на апостолската благовест, како што таа ни е дадена во Светото Писмо. Сеопштото примање на овие седум Вселенски собори, од точка на гледање на нас, православните, затоа би бил еден од основните услови за соединување на една со друга на разделените христијански општини.
Архиепископ Георгиј (Вагнер), дел од беседата на “Неделата на Светите отци на Првиот Вселенски Собор“