„ПИЈАНИЗАМ/ХЕРОИЗАМ“ СО ПИЈАНИСТОТ АНДРЕЈ КОРОБЕЈНИКОВ
Под наслов „Пијанизам/хероизам“, утре во Македонската опера и балет во 20 часот, Македонската филхармонија ќе одржи симфониски концерт под диригентство на маестро Саша Николовски-Ѓумар. По долго време македонската публика ќе има можност да слушне две исклучителни дела од железниот репертоар: легендарната Симфонија бр. 3 „Ероика“ од титанот на симфониското творештво Лудвиг ван Бетовен, како и величествениот Концерт за пијано и оркестар бр. 2 од Јоханес Брамс, најголемиот предизвик на пијанистите.
Како солист ќе се претстави Андреј Коробејников, водечки пијанист на младата генерација, победник на натпреварите „Александар Скрјабин“ и „Рахмањинов“ во Лос Анџелес, добитник на многуброојни награди за своите компакт-дискови, а од конзерваториумот „Чајковски“ во Москва и прогласен за „музичар на деценијата“.
Андреј Коробејников е роден во Москва во 1986 година, каде што дипломира на конзерваториумот „Чајковски“ на деветнаесетгодишна возраст, како „најдобар музичар на деценијата“. По дипломирањето заминува за Лондон, каде што учи на Кралскиот колеџ за музика. Овој млад пијанист настапува во повеќе од дваесет земји, а исто така е добитник на преку дваесет државни и меѓународни награди. Коробејников настапува со свои рецитали, а и како камерен музичар во најпрестижните сали: „Вигмор хол“ во Лондон, Аудиториумот на Лувр, салата на Петербуршката филхармонија, Големата сала на Московскиот конзерваториум, „Сантори хол“ во Токио, „Концертгебау“ во Амстердам, а како солист свири со престижните: оркестарот „Филхармонија“ од Лондон, Петербуршката филхармонија, Националниот оркестар на Франција и многу други.
Како камерен музичар, пак, тој настапува со истакнати музичари меѓу кои и со Борис Березовски, Вадим Репин, Александар Књазев, Дмитри Махтин, Анри Демаркет... (Т.И.)
Извор: “Утрински Весник“
|