Ако немаме дожд во април и во мај ќе нема вода во подолните слоеви земја
Сушниот период ги испразни акумулациите
Недостигот од вода во подлабоките површини на земјата може негативно да се одрази врз годинешната продуктивност кај некои земјоделски култури, а особено на оние на кои им е неопходно наводнување во летните месеци, како оризот. Доколку продолжи сушниот период, може да се доведе во прашање и нормалниот развој на житните култури.
- Имаме помало количество дожд од 100 до 150 литри вода на квадратен метар, што влијаеше врз акумулациите, кои се празни. Тоа ќе се одрази врз пролетните култури, особено оние што се на отворено и за кои нема да има доволно вода за да се наводнуваат. На пример, акумулацијата во Калиманци е празна, па под знак прашалник се доведува садењето на оризот - вели Ангелко Ангелески, советник за агрометеорологија во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Од УХМР додаваат дека во следниов период, наспроти вчерашните невообичаено високи температури, за следниве денови се очекуваат просечни температури, до дваесетина степени, кои се карактеристични за овој период од годината и кои позитивно ќе влијаат на сите култури.
Оризот најзагрозен
Ангелески истакнува дека засега ситуацијата не е алармантна, особено во одгледувањето на есенските посеви и на овошките. Тој појаснува дека поради неодамнешните врнежи, на површинските слоеви има доволно вода, која овозможува житните култури добро да проникнат.
- Проблем кај есенските посеви може да настане ако немаме дожд во април и во мај, бидејќи ќе нема вода во подолните слоеви земја и ќе нема вода за нивното понатамошно растење. На житата им треба вода кога ќе треба да се формираат класот и зрното, па ако нема вода, ќе имаме проблем - појаснува Ангелески.
Тој додава дека вообичаено во април и во мај земјата ги добива најголемите количества вода и дека тој период ќе биде битен за одгледување на земјоделските култури.
Одгледувачите на житни култури и семиња истакнуваат дека засега ситуацијата е добра и дека нема штети, и оти секој следен дожд ќе биде добредојден.
- Сушата во зимските месеци е секако лоша, но дождот малку ја ублажи состојбата. Ако имаме дожд во април и во мај ќе биде одлично. Сега житарките се во солидна состојба, изникнати се и секој следен дожд ќе биде супер - вели Огнен Оровчанец, сопственик на компанијата „Агроунија“.
Овошките веќе се расцветани
Овошките годинава изникнаа една недела порано поради високите температури, некарактеристични за овој период од годината. Некои овошки веќе се расцветани, но упатените сметаат дека врз нив ќе нема штети.
- Сега на овошките им се потребни стабилна температура и вода, која ја има само на површинските слоеви. Како што реков, штети ќе имаме само ако нема дождови во следните месеци. Засега не очекуваме и нема најави за нагли температурни промени и не очекуваме штети врз овошките. Условите за снег во следниов период се мали, па дури и да се случи да заврне на планините, тоа нема драстично да ги спушти температурите во низините - појаснува Ангелески.
Тој додава дека и доколку се појават пониски температури во овој период од годината, обично се задржуваат кратко време и не ја зафаќаат целата држава, туку само одредени делови.
- Факт е дека сме имале ситуации кога се појавувале температури под нулата и со почетокот на пролетта. На пример, пред неколку години на 27 април во Пелагонија температурите паднаа дури 16 степени под нулата. Затоа не тврдам дека нема можности за замрзнување, но засега нема такви опасности - додава Ангелески.
|
|