Паркот не треба да биде прецизно уреден простор по терк само на луѓето
Да се заштити екосистемот
Акцијата на кастрење на дрвјата и косење на вегетацијата во Градскиот парк ги разбуди љубителите на природата, а особено љубителите и заштитниците на птиците. Тие реагираат на, како што велат, непланското и неселективното сечење на грмушките, гранките и тревните грмушки што претставуваат живеалишта и гнездилишта на многу песнопојни и барски птици што живеат во паркот. Екологистите, пак, предупредуваат да се внимава на целокупниот екосистем во паркот, кој мора да продолжи да функционира како симбиоза на видовите и како функционален дел од природата во кој човечкиот фактор ќе има мало влијание.
Барските птици најзагрозени
Пролетта е период кога се гнездат поголемиот дел птици. Оние што живеат во Градскиот парк немаат голем избор кога се во прашање гнездилиштата поради ограничениот простор. Поради тоа, секое прекумерно кроење или сечење на растенијата носи ризик за популацијата на птиците. Последниве години веќе било евидентирано намалување на бројноста на птичјиот фонд во паркот.
- Ние како здружение и како поединци сме редовни посетители на паркот. Последниве неколку години евидентно е намалувањето на животинскиот свет. Не можеме да тврдиме точно од што е таа промена, но дека има влијание намалувањето на вегетацијата и особено намалувањето на нивните гнездилишта е повеќе од јасно. Порано во паркот владееше некоја природна хармоничност помеѓу растенијата и животните. Сега некако се настојува паркот да се претвори во строго уредена и контролирана средина, што пак не е посакувано за животните што живеат таму. Паркот не е аптека, па да биде сѐ средено и под конец. Едноставно природата не функционира така - вели Ана Арсовска од Здружението за заштита на бувови (МОТ).
На најголем удар се барските птици, како патките и нуркачите, кои се гнездат покрај бреговите на езерцата и по кејот на реките, а каде што сега е извадена речиси целата трска. Без природна заштита тие се осудени на истребување.
- Паркот мора да функционира во симбиоза помеѓу сите негови жители, риби, жаби, инсекти, растенија, а тука секако се и луѓето. Не смее да се наруши природниот синџир на исхрана. Ако снема птици во паркот, тоа значи дека ќе има многу инсекти, комарци и муви. Ако нема песнопојни птици што се хранат со инсектите, тогаш исто така бројот на инсектите многукратно ќе се зголеми. Грмушките и трската се природни скривалишта на барските птици, тие тука и се гнездат. Без оваа вегетација паркот ќе остане без животински свет, што е далеку од идејата да се има парче природа во центарот на градот - ни изјави Војо Иванов, љубител на животни и сопственик на продавница за егзотични видови.
Според него, добро е надлежните да оградат еден дел од внатрешноста на паркот во кој ќе се остави живиот свет сам да егзистира и да се размножува со многу мали интервенции од луѓето. Тоа ќе биде еден вид оаза на животот како расадник на жив свет не само во Градскиот парк туку и во целиот град.
- Паркот како една зелена точка во центарот на градот мора да се зачува и да биде во функција и на луѓето и на посетителите. Ако мора да се уредува првиот дел од паркот по теркот на луѓето, тогаш да се остави еден внатрешен дел што ќе биде наменет само за животните и за растенијата. Во тој затворен дел да може да влегуваат само стручни лица што ќе ја надгледуваат и минимално ќе ја насочуваат популацијата од животни и растенија. Ако се претера со уредување по човечки терк, сигурно ќе го загубиме природниот баланс, кој е најважен за еден ваков централен градски парк и, генерално, за секој природен екосистем - додава Иванов.
Бувовите засега се безбедни
Од Здружението за заштита на бувови велат дека нивните миленици, колонијата бувови што се гнездат во Градскиот парк, засега се безбедни.
- Бувовите се гнездат на иглолисните дрвја што засега не се кројат и сечат од надлежните служби, освен ако е тоа неопходно заради безбедноста на посетителите. Така сакаме да остане и во иднина. Бувовите се гнездат и практично живеат токму на овие дрвја, покрај или на главното стебло, над три метри височина. Ние секојдневно ги надгледуваме и за тоа имаме многу помош и поддршка од надлежните во паркот - вели Арсовска.
Таа сепак забележува дека, иако бувовите засега се сигурни кога е во прашање нивното живеалиште, сепак може да се почувствуваат несакани ефекти доколку се намали бројот на другите помали птици што всушност влегуваат во дел од менито на бувовите.
Спас во Вардар и во Лепенец
Некои жители на општината Ѓорче Петров, особено оние околу населбата Волково и Ново Село, каде што тече реката Лепенец, информираат дека последниве неколку недели се забележани поголем број патки и нуркачи, па дури и чапји во споредба со минатите години. Се претпоставува дека во потрага по мочуришта, трска и грмушки птиците бегаат кон погорните теченија на реките.
- По кејот на Лепенец отсекогаш се гнезделе многу патки и нуркачи, но последниве три недели нивниот број се зголемува повеќе од минатите години. Јасно е дека бараат гнездилишта што се безбедни од луѓето и другите грабливци - вели Трајко Крстевски од Волково.
Слична слика е забележана и во делот на Вардар кон Сарај па нагоре по текот.
|
|