ВО СЛАВНИОТ ТЕАТАР „ВЕРА KОМИСАРЖЕВСКАJА“
ДЕЈАН ПРОЈКОВСКИ РЕЖИРА ВО САНКТ ПЕТЕРБУРГ
Театарскиот режисер и уметнички директор на Македонскиот народен театар, Дејан Пројковски, веќе месец дена е на релација Санкт Петербург - Скопје. Во Русија, во славниот театар „Вера Kомисаржевскаја“ ја поставува претставата „Опасни врски“ од Шодерло де Лакло. За Пројковски ова не е прва соработка со познатиот театар каде што премиерата ќе биде на 12 април. Во 2012 година, со копродукцискиот проект „Ромео и Јулија“ беше отворено Охридско лето. Тоа беше соработка помеѓу Народниот театар од Битола, Македонската опера и балет и театарот од Санкт Петербург.
Соработка со кореографката Елена Прокопиева
- Во тој огромен проект актерите од Русија го играа Kапулети, семејството на Јулија. На тој проект се запознав со дел од нивната актерска екипа и соработката беше одлична на заедничко задоволство. Kога ја игравме „Ромео и Јулија“, и пред нивната публика беше одлично примена, така што, ете, по подолг период на договарање, дојде и поканата од нив да режирам претстава во нивниот театар. За мене ова е многу значаен проект бидејќи театарот „Вера Kомисаржевскаја“ е еден од водечките театри во Санкт Петербург и голема е честа да се режира, посебно ако знаеме дека тој е еден од неколкуте главни театарски центри – вели Пројковски.
За нашиот режисер, особено впечатлив бил начинот на работа на театарот, а особено со пристапот кон пробите.
- Самите сцени ги создаваме на пробите, самата структура на претставата е авторска. Претставата е во современ контекст и зборува за љубовта. Секој ден пробите ни започнуваат во 11 часот и се работи цел ден до вечерта, два часа пред да им почне претставата што им е на репертоар истата вечер. Големи се конкуренцијата и понудата така што човек во град како Санкт Петербург е свесен за театарската машинерија околу себе, но и за огромната понуда што ја има публиката така што постојано се чувствува притисок, кој, од друга страна, е голем мотив за сите театарски автори да работат и да создаваат нови форми и естетики – вели Пројковски.
Во претставата „Опасни врски“ Пројковски соработува и со сценографот Валентин Светозарев, костимографот Благој Мицевски и со композиторот Горан Трајкоски.
- Би ја истакнал соработката со руската кореографка Елена Прокопиева, која е задолжена за сценските движења и за пластиката во претставата, мислам дека е тоа еден нов соработник со кого откриваме заедничко поле на интерес во сценската естетика и мислам дека нашата соработка ќе продолжи и понатаму бидејќи во „Опасни врски“ успеваме да создадеме еден интересен сценски јазик – вели Пројковски.
Посебен пристап кон пробите
Kако големо театарско семејство функционираат актерската и авторската екипа што работи на претставата.
- Самите проби ни се посветени на истражување на актерот и на празниот простор и, од друга страна, предметите и телата во тој простор, телата што се движат, лебдат барајќи го она другото тело, онаа друга душа, барајќи ја смислата на постоењето како емотивно суштество. Работејќи долго во текот на денот со актерска екипа која е максимално посветена на пробите, а за нас смислата на занимавањето со оваа професија е пробата, секогаш стигнувам до големиот руски режисер Анатолиј Ефрос. Во неговата книга „Пробата, љубов моја“, каде што објаснува дека половина од нашите животи ги поминуваме на проби и затоа треба да ги пронаоѓаме вистинската смисла и суштината на пробата и занимавањето со оваа професија. Секогаш треба да ги носиме љубовта и радоста за секоја нова проба, за секоја нова средба на сцената – вели Пројковски.
„Опасни врски“ е претстава за љубовта, страста, разочарувањето, прељубата, болката, изневерувањето. За Пројковски ова не е прва средба со оваа проблематика. Во 2010 година тој ја постави „Опасни врски“ според авторот Kристофер Хемптон.
„Опасни врски“ се љубовните игри и манипулации на грофицата Мертеј и на Валмонт. „Опасни врски“ е претстава која зборува за љубовните игри денес, за сложените односи во секојдневјето помеѓу мажите и жените, за потрагата по љубовта, за вечната борба помеѓу двата пола, ликовите се во постојана потрага по љубовта, постои ли таа, како да ја препознаеме, како да ја задржиме. „Опасни врски“ е претстава каде што секој од ликовите се соочува со своето огледало, со својот лик, со одблесоците на човечкото и со остатоците на љубовта во нив.
На Пројковски ова не му е првиот меѓународен проект. Минатата година тој ја работеше и „Браќа Kарамазови“ во театарот „Марин Држиќ“ во Дубровник.
Сребра Ѓорѓиjевска
Извор: “Дневник“
|