Томислав Зографски е еден од најистакнатите македонски композитори чиј обемен и разновиден творечки опус со дела од речиси сите жанрови, вклучително и монументалните симфониски и ораторијални остварувања, претставува непроценлив влог во ризницата на македонската музичка култура.
Композиторот Зографски беше долгогодишен професор по композиција и теориски предмети на Факултетот за музичка уметност во Скопје и во неговата класа дипломирале голем број македонски композитори што денес се меѓународно афирмирани.
Бил претседател на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) и добитник е на повеќе државни и стручни награди, меѓу кои Државната награда „11 Октомври“ и наградата на СОКОМ „Трајко Прокопиев“.
На програмата на концертот се дела од најраните до подоцнежните опуси на Томислав Зографски, со што ќе се претстават различните страни од неговиот творечки лик.
„Со концертот во чест на Томислав Зографски, Факултетот за музичка уметност го дава својот придонес за прославувањето на 80-годишниот јубилеј на овој голем македонски композитор и педагог – прославување кое веќе почна да се одвива и во кое се предвидени повеќе активности кои ги координира Фондацијата „Томислав Зографски“. На концертот учествуваат голем број студенти од сите изведувачки катедри, а ќе настапи и оркестарот „Солисти на ФМУ“, со кој раководи проф. Велко Тодевски“, потенцира проф. м-р Гордана Јосифова-Неделковска, декан на ФМУ.
Концертот ќе се одржи на 28 март, ќе започне во 19 часот, а влезот е слободен.
Извор: “МКД“
27 март 2014
(М)