Егзодусот на Македонците ќе добие музејски третман
Како што велат од Музејот на Македонија, поставката ќе даде пресек на животот и на настаните од сите подрачја од егејскиот дел на Македонија во периодот по 1949 година. Таа ќе се обиде да го прикаже и продолженото дејство на оваа трагична случка, не само врз бегалците туку и врз нивните потомци
Поставката ќе биде отворена во историскиот музеј до средината на годинава
ВО ПОДГОТОВКА Е НОВА ПОСТОЈАНА ПОСТАВКА
Постојана поставка посветена на Граѓанската војна во Грција и егзодусот на децата-Македонци од егејскиот дел на Македонија се тема на поставката што, како што најавуваат од Музејот на Македонија, ќе биде отворена во нивниот историски музеј до средината на годинава.
- На поставката ќе бидат презентирани фотографии, документи, оригинали или реплики, и многу други предмети поврзани со оваа тема. Во амбиентот ќе настојуваме да ја акцентираме симболиката на егзодусот. Тоа ќе го направиме и преку претстава за еден топол дом, кој се разнебитува, и една колона во движење, која ќе биде амбиентално поставена како инсталација во просторот. Поставката ќе биде направена по сите современи музејски стандарди со мултимедијален пристап - најавува Мирјана Нинчовска, в.д. директорка на Музејот на Македонија.
Покрај документарниот материјал, во поставката ќе има и нагледни средства, карти, фотографии, оригинални видеозаписи од егзодусот и снимени усни искажувања на лица што ја имаат доживеано таа судбина.
Историјата низ лични стории
Како што велат од Музејот, изложбата ќе настојува да даде пресек на животот и на настаните од сите подрачја од егејскиот дел на Македонија во периодот од 1949 година до денес.
- Со оваа поставка ќе се обидеме да откриеме што се случило со некои од луѓето од времето на егзодусот до денешно време. Нивните лични судбини ги следиме и по напуштањето на родната грутка, преку голготата во домовите за бегалци. Со неколкумина од нив имаме снимени разговори направени изминативе три-четири години. Сакавме да го прикажеме продолженото дејство на случката врз нив и врз нивните семејства - подвлекува Нинчовска.
На изложбата, покрај документите, фотографиите и автентичните снимени материјали, ќе има и лични предмети што им припаѓале на луѓето-бегалци.
- Располагаме со малку лични предмети на бегалците, но тоа е така поради фактот што кога панично бегале од родното огниште, не понесувале премногу работи со себе, освен најнеопходното и понекоја фотографија - вели Нинчовска.
Автор на концепцијата на поставката е кустос Марица Јовановска, а целата изложба ќе биде поставена на приземјето на историскиот музеј. Оваа изложба, иако од поодамна е најавена, чекаше неколку години затоа што требаше да го заземе просторот на кој до неодамна се наоѓаше археолошката поставка.
- Имавме потреба за наменско приспособување, ново проектирање на просторот - велат од Музејот на Македонија.
Се заокружува поставката во историскиот музеј
Изложбата посветена на егзодусот на Македонците од егејскиот дел ќе биде уште едно камче во заокружувањето на големата историска поставка, која делумно беше подновена пред три години.
Музејот на Македонија во тој период го довообличи делот од историската поставка, кој се однесува на периодот меѓу двете светски војни. Во дотогашната стара и темна историска поставка, која била направена во 1985 година и која беше делумно редизајнирана во 2004 година, делови од историјата на македонскиот народ се сосема изоставени, додека некои (како на пример НОБ) беа предимензионирани. Од Музејот на Македонија тогаш рекоа дека не знаат кога ќе бидат подновени преостанатите четири кубуси. Проектот за реконципирање на историската поставка требаше да му посвети значајно место и на отоманскиот период. Опремувањето на тој кубус требаше го финансира турската фондација „Тика“, но ова сѐ уште не е направено.
|
|
|
|
Автор: Мимоза Петревска Георгиева / mimoza.p@novamakedonija.com.mk
Извор: “Нова Македонија“
|
Фотографија: Маја Јаневска-Илиева |
|
|
|
|