Духот на фолклорното богатство на Македонскиот народ низ вековите растел и на подрачјето на Велес, оставајќи го на носиите што го надживеале времето, белегот на народното создавање. До ден денес, најкарактеристични носии во велешкиот крај останале носиите од северните велешки села. Машката носија била изработена од бело платно,а ја сочинувале кошула, гаќи, елек од клашна (пругасто домашно ткаено платно), шалвари со широки ногавици, бечви со капаци од бел и црн шајак, копоран од клашна и памуклија антерија која се носела преку елекот. На нозете се носеле чорапи врз кои се обмотувала волнена објала или калци (вид потколеници од клашна што се навлекувале на нозете). Во летните периоди мажите на појасот или на главата носеле бела крпа бришалка. Женската носија била составена од памучна кошула, везена по долниот дел и на ракавите, ќурдија (горна облека без ракави) изработена од бела и од црна клaшна, долга до средината на листовите од нозете. Потоа, ѕуница (појас од волнена преѓа), елек од шарено платно во пруги, како и фута ткаена на црвена основа. На главата, жените носеле шамии во разни бои. Карктеристични за фризурите биле додавните прцли, кои се прикачувале на собрана коса.