Кинотеката на Македонија во 2017 година ќе го дигитализира творештвото на Кирил Ценевски
Кинотеката на Македонија, и оваа година како и изминатите години, доби мошне позитивен одговор во врска со финансирањето на предложените проекти за 2017 година, предвидени во Годишната програма за култура на Министерството за култура на РМ.
Имено, Министерството за култура останува доследно во поддржувањето на повеќегодишниот стратешки проект за заштита на филмското наследство, и оваа година ќе ја финансира дигиталната реставрација и дигитализацијата на уште едно еминентно име на македонската кинематографија. Станува збор за режисерот Кирил Ценевски, чии играни филмови „Црно семе“, „Јад“, „Јазол“ и „Оловната бригада“ се предвидени за реставрација и дигитализација во 2017 година, по што ќе следува нивно издавање на ДВД носач. Во рамките на истиот проект, во целост финансиран од државен буџет, односно од страна на Министерството за култура, дигитализирани беа и опусите на Столе Попов, Љубиша Георгиевски, Браќата Манаки, Бранко Гапо и Арсениј Јовков.
Што се однесува до планираното реконципирање на постојаната музејска поставка, наскоро ќе се започне со ентериерно уредување, по што аулата на библиотеката „Другарче“, кадешто е сместена Кинотеката, галерискиот простор и дел од помошните простории во приземјето ќе добијат ново осветлување, нови подови, витрини и изложбени услови, просторија за едукативни проекции, пристап за лица со посебни потреби, современ видео-надзор и аларм систем, како и сосем обновена, надградена и збогатена музејска поставка со поголем број експонати, скици, пишувана документација, апарати, реквизити, интерактивни содржини и простор за дружење и движење на посетителите – и на музејскиот дел, и на киносалата.
Во Кинотеката веќе се работи на селектирање на експонатите, нивно конципирање во поголема целина, и подготовка на информациите што ќе бидат изложени како надополнување на поставката. Овој проект е во склоп на повеќегодишната иницијатива на Министерството за култура за обнова на музјеските поставки во повеќе музеи и изложбени простории низ државата.
Хавзи-пашините конаци во с. Бардовци, кадешто е сместено дел од депото на Кинотеката, најпосле ќе добијат заокружен Основен проект за изградба, со сите потребни решенија, дозволи и заштитно-конзерваторска проектна документација, со што понатаму ќе се овозможи почеток на реализација на проектот за употреба и одржување на комплексот.
Меѓу другото, предмет на интерес на Кинотеката се филмови и филмски материјали од посебно уметничко, културно, научно, историско и друго општествено значење, а Кинотеката е обврзана материјалите што ги има во свое поседство да ги направи достапни за јавноста, да ги презентира и промовира. Оттаму и сите прибрани аудиовизуелни материјали коишто имаат историско и научно значење, како интервјуата со Македонци протерани од Егејска Македонија кои беа снимени во периодот 2010-15 година, во 2017 година ќе бидат објавени во печатена форма, во неколкутомно издание. Проектот во чии рамки овие филмски сведоштва ќе бидат транскрибирани и објавени во печатена, а подоцна и во електронска форма, ќе оди под името „Сведоци: Живо сведоштво – Живо наследство“.
Филмската програма во Кинотеката на Македонија во 2017 година ќе тече со несмален интензитет, со премиери на македонски документарни, долгометражни и кусометражни филмови, циклуси на филмови снимени во македонска малцинска и мнозинска копродукција, поретко прикажувани кај нас, со одбележување на јубилеи значајни за нашата кинематографија (како 90 години од раѓањето на режисерот Димитрие Османли), потоа со соработки со домашни и меѓународни фестивали, со ретроспективи на национални кинематографии и режисерски имиња, од кои некои и ќе бидат гости на Кинотеката во текот на годината.
За почеток, на крајот на февруари, гостин на Кинотеката ќе биде доајенот на ерменскиот документарен филм и директор на меѓународниот филмскиот фестивал „Златна кајсија“ во Ереван, господинот Харутјун Хачатријан.
И кинотечната филмска публика, и посетителите на Кинотеката, како учениците, студентите, научните работници и љубителите на филмот, нема да бидат разочарани од тоа што Кинотеката го подготвува за 2017 година – известија од Кинотеката на Македонија.
Извор: “МКД“
|