Никос Чаусидис
Македонските бронзи и религијата и митологијата
на железнодобните заедници од Средниот Балкан
Со називот македонски бронзи се означува една категорија бронзени предмети од железното време, датирани главно меѓу 8. и 6. век пр. н.е., од кои за повеќето се смета дека биле користени како накит со нагласена симболичка намена. Се смета дека им припаѓале, пред сè, на Пајонците, но и на други популации од Македонија и од нејзиното опкружување. Иако во оваа монографија се претставени и типологијата, хронологијата, распространетоста и другите материјални аспекти на овие предмети, нејзиниот фокус е насочен кон духовната култура на луѓето што ги создавале и што ги користеле овие објекти, односно нивниот симболички, магиски, митско-религиски и глобалниот семиотички систем. Освен наведените наоди, во откривањето на овие аспекти се вклучени пишаните историски извори што се однесуваат на дадените време и простор и сродните феномени кои припаѓаат на други култури од индоевропскиот и од медитеранскиот ареал.
Покрај основниот текст, организиран во 8 глави, книгата содржи 389 табли со каталогизирани илустрации, библиографија и резиме на англиски јазик на 75 страници.
Оваа монографија има обемен илустративен материјал на кој текстот честопати се повикува и чиешто механичко прегледување многу го отежнува читањето. Поради тоа, обезбедена е можност за повикување на сликите со кликнување на бројот на конкретната табла со илустрации означен со сина боја, при што таа се појавува во посебно прозорче без да се напушти матичната страница со текстот. Услов за оваа операција е во истиот фолдер во кој се наоѓа PDF документот на монографијата да биде и фолдерот со илустрациите (Figures), без притоа да се менуваат местото и називите на овој фолдер и фолдерите и фајловите сместени во него
http://www.cip-cpr.org/_publishing/_nikos-chausidis-makedonski-bronzi.html
Извор: “Скопје: ЦИП - Центар за истражување на предисторијата, 2017.“
|