СЛОБОДА ИЛИ СМРТ ЗА МАКЕДОНИЈА: Комити и игроорци на чело на протестниот марш (ФОТО/ВИДЕО)
На чело на протестниот марш денеска се застанати момци и девојки облечени во народни носии, кои во рацете носат знаме на кое е напишана легендарната парола на македонските револуционери од илинденскиот период „Слобода или смрт за Македонија“
Со големо знаме на кое е напишана легендарната парола на македонските револуционери од илинденскиот период „Слобода или смрт за Македонија“ на чело на протестниот марш денеска се застанати момци и девојки облечени во народни носии.
На протестот кој веќе речиси цели три недели го организира иницијативата „За заедничка Македонија“ има голем број граѓани кои се решени да не се отстапува од барањата за формирање македонска платформа со која ќе ја брани унитарноста на државата.
Од ден во ден, сè поголем број граѓани се приклучуваат на овие протести и доаѓаат од најразлични професии и занимања. На вчерашниот протест на чело на колоната беа нашите ловџии, додека два дена претходно поворката ја предводеа камионџии и автопревозници.
Целта на целата оваа сценографија е да се покаже дека македонски граѓани од сите професии се вклучуваат на протестите.
Главната порака, како што беше истакнато и во минатите денови, е да не се дозволи платформа направена во туѓа држава да биде услов за формирање влада.
Таквата платформа, како што порачуваат организаторите на протестите, е само подмолна игра за разнебитување на Македонија, за нејзина федерализација, како и за уривање на нејзината унитарност и македонски национален белег.
На денешниот протест, како и во претходните денови, се веат македонски знамиња, а има и голем број транспаренти. Дел од испишаните пораки се насочени и против американскиот амбасадор Џес Бејли, од кого се бара да престане притисокот врз Макеоднија и да се остави мнозинството граѓани да одлучуваат за својата иднина.
ВО ЖИВО: Протест „За заедничка Македонија“
Извор: “Телеграф.мк“
|