Илинден #4 –Граѓанска иницијатива за Заедничка Македонија
Ден Трет
1 март 2017
Браќа и сестри, почитувани Македонци и Македонки! Браќа и сестри од другите националности и вероисповеди! Денес е радосен ден за нас, за сите што сме собрани овде и за оние кои не се тука. Имаме право и ние на радост. Предлагам со силен аплауз да го поздравиме сега херојот на Република Македонија. Тоа е претседателот на Република Македонија, Ѓорѓи Иванов. Браќа и сестри, овој негов потег ќе има ехо следните сто години, може и по еден милениум. Браќа и сестри, тој им рече ’не’ на тие што сакаат да ја погребаат Македонија. Тие најавија дека се борат за живот на Македонија, а се борат за смрт на Македонија. Тие беа сојузени со странски сили и со домашната петта колона. Арам да им е лебот што го јадат. Браќа и сестри, ние бевме доведени и сега сме на работ од бездната. Нам ни нудат смрт за живот. Ние не го прифаќаме тоа. Ние сега се одлепуваме и како ракетите што дејствуваат со потисок, ние сега се одлепуваме и тргнуваме кон вистински живот, кон ѕвездите, кон Македонија. Браќа и сестри, да бидеме храбри, дојде закана од НАТО, Столтенберг, закана од оној кој ги подржа терористите во 2001-та година. Браќа и сестри, не сакаме да бидеме мртовци во Европа. Сакаме да бидеме живи и најживи, поживи од сите нив, бидејќи тоа го заслужуваме и според историската меморија. И според она што сме им го дале на Европа. Многу културно-цивилизациски дарови. Ние имаме христијанизирано паганска, дива Европа, која сега ни враќа со геноцид. Вие знаете дека неодамна, во Европскиот Парламент, со гума ја избришаа Македонија, Македонците ги прогласија за Бугари. Браќа и сестри, тоа е геноцид, ништо друго. И утре доаѓа кај нас бесрамно Могерини. Со кое лице доаѓа таа кај нас? Да и кажеме дека Европа, таква каква што е, не ја сакаме, бидејќи е фашистичка. Да, ние сакаме Европа таква каква што ја замисли големиот Виктор Иго, кој е планерот на Европа. Но сега до неа се докопаа бриселските бирократи, кои доаѓаат овде, како овој ’мачкарот’ од Брисел, а ние им се поклонуваме. Браќа и сестри, од првиот миг на нашето таканаречено осамостојување, од 1990-та година, вие знаете дека Европа, со таканаречената Бриселска декларација уште на почетокот го избриша нашето име, рече вие не сте Македонци. Нема да се викате Македонци. Не браќа и сестри, ние ќе бидеме секогаш Македонци. Ние сме стоеле во нашето име од искони. Македонскиот народ е запишан во првата таблица на народите, на Мојсеј. Тој почнува од првата глава на Библијата и доаѓа до денес, затоа и сакаат да го уништат тоа име. Да го дадат имотот на друг, на Грци, на Бугари, на Албанци. Нема да дозволиме. Ние сме мал народ, но ќе се бориме. Запомнете, дека не случајно Господ го испрати Македонецот во Троада, во Новиот Завет, да го сретне свети Павле и да му рече ’Дојдете во Македонија’, помогнете ни, и тој дојде. Тој и денес е во Македонија и ќе ни помогне. Ние сме мал народ, но треба да ја подигнеме самопочитта на високо ниво и да ја држиме. Уште еднаш да го поздравиме херојот на денот Ѓорѓи Иванов, нашиот претседател. Да живее Македонија!
Ефтим Клетников - македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач, пред Собранието на Република Македонија
|