Илинден #4 –Граѓанска иницијатива за Заедничка Македонија
ДЕН ЧЕТВРТ
2 март 2017
Драги сограѓани, почитувани браќа и сестри! Никогаш порано не можев да претпоставам дека еден ден јас ќе бидам дел од било каков граѓански протест. Сепак, еве ме! Очигледно е дека имам голема мака на душата, штом дојдов и застанав тука, рамо до рамо со сите вас. Но не дојдов да зборувам против Албанците, ниту пак сум дел од некоја политичка партија, тука сум бидејќи молчењето повеќе не е опција. Тука сум за јасно и гласно да им кажам ’не’ на оние кои не и мислат добро на нашата татковина. Овие денови сме сведоци на еден гнасен обид за манипулирање со гласот и довербата на народот. Отпосле, ни наметнуваат прифаќање на некакви услови за кои никој на претходните избори не гласаше. Уценети сме со пост-изборна политичка платформа скроена после изборите, со посредство на премиер од друга држава со единствена цел, растурање и разнебитување на Република Македонија. Прифаќањето дури и на дел од барањата, сите нас не води во една самоуништувачка мисија после која очигледно нема да не биде, ниту како народ, а ниту како држава. Замислете, човекот кој јас никогаш го немам слушнато да изговори ниту еден единствен збор на македонски јазик, се обидува да не натера нас и нашите деца да зборуваме на албански јазик. Освен со двојазичноста, ги уценува македонските партии со промена на името, знамето, грбот, химната. Преку ноќ се воведоа некои нови правила и се заборави сето она за што ние, граѓаните, гласавме на изборите. Со наметнување на ваквата пост-изборна платформа во основа е погазено непишаното правило на политичката фер-плеј игра. Нејзиното евентуално прифаќање би било најголемиот грев што некој би можел да и го направи на сопствената држава. Затоа драг мој македонски народе, те повикувам на обединување. Само тоа е спасот на нашата држава. Во изминатиот период се направија многу отстапки. Доста е! Никој нема право да тргува и да го распарчува она за што се бореа нашите дедовци и прадедовци. Ниту една политичка опција избрана од народот нема право да преговара за каква и да било пост-изборна платформа на туѓа држава која го загрозува унитарниот карактер на Република Македонија. Со темелните вредности на нашата земја никој нема право да тргува! Драги сограѓани, ја користам оваа прилика да им се обратам на сите без разлика на нивната политичка, верска и национална припадност. И сакам да им порачам дека државата не се брани со седење дома! Ги повикувам чесните Македонци, чесните Албанци, чесните Турци, чесните Роми, Срби, Власи, Бошњаци и други националности да застанат рамо до рамо со граѓанската иницијатива -За Заедничка Македонија-, во заедничка одбрана на татковината, на мирен и достоинствен начин. Ги повикувам вжештените глави привремено да ги остават настрана дневно-политичките активности и да почнат да се фокусираат на големата слика. Господа политичари, ставете ја власта во втор план, државата ни е сериозно загрозена, а нашата обврска е да ја одбраниме. Ниту една партија не е важна, се додека потписниците на платформата јасно не се откажат од своите цели. Тоа им го должиме на нашите деца и на сите наши идни поколенија. Да живее Република Македонија!
Дарко Мијалковски, естраден уметник, автор и водител на “Суперѕвезда“, пред Собранието на Република Македонија
|