Илинден #4 –Граѓанска иницијатива за Заедничка Македонија
ДЕН ДЕСЕТТИ
8 март 2017 година
Почитувани сограѓани! Би сакала прво да го честитам денешниот ден, осми март, меѓународниот ден на жената. Дозволете ми мене, како историчар, да ви се обратам на меѓународниот ден на жената, да потсетам на улогата, која ја има македонската жена во нашата историја. Таа била активно вклучена во сите фази на борбата и во создавање на македонската држава, како ајдутка во ликот на Сирма Војвода, како комитки во ликовите на Константина Русински и Руша Делчева. Партизанка, Вера Јоциќ, Мирка Гинова и Ибе Паликуќа. Како и носители на сите државни функции, во сите периоди на современата македонска држава. Деновиве сме сведоци, би рекла, на несреќни изјави и барања. Една од нив е секако онаа да Македонците како народ признаат геноцид врз друг народ во периоди кога се уште не била ослободена Македонија, но и за време на постоењето на македонската држава. Безброј документи и факти зборуваат за праведната борба за слобода и еднаквост на Македонците во однос на другите народи на Балканот. Во тоа име дадени се безброј познати и непознати жртви. И притоа на македонскиот народ и другите, кои живееле на просторот на Република Македонија, трпеле терор и ликвидации. Сепак, Македонците и покрај сите премрежиња и ужаси низ кои поминувал, се издигнувал над сите тие искушенија. Токму затоа кога подигал востание, кога формирал држава, секогаш отстапувал простор на своите сограѓани од немакедонско потекло. Малку ли е да се каже дека во 1903-та година кога се создаде Крушевската Република во рамките на османлиската Империја, се создаде привремена Влада од сите народности, кои живеат на тие простори. Во Крушевскиот манифест, околното муслиманско население братски се повикува да ја подржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија. Цитирам: “Елате браќа муслимани пред нас, при нас, да тргнеме против вашите и нашите душмани. Елате под бајракот на автономна Македонија. Македонија е заедничка наша мајка и вика за помош. Елате при нас браќа, да си слееме душата и срцата. И да се спасиме. Та ние и нашата челад и пречелад да живеат мирно, да си работат спокојно и да напредуваат“. Но внимавајте, Република се создава во место, каде што во радиус од 1000 км има... Тоа само ни укажува колкава е широчината и разбирањето на слободата и демократијата на еден поробен народ во тоа време. Тоа ли ќе го нарекуваме геноцид? Синовите и внуците на Илинденците беа партизани во буквална смисла на зборот. Не само што преживеаните Илинденци се вклучија во Народно-ослободителното движење туку и партизаните своите одреди ги нарекоа според војводите од илинденскиот период. Даме Груев, Гоце Делчев, Питу Гули, Јане Сандански и дојде вториот Илинден. Се создаде македонската држава во 1944 година. И повторно на 2 август на антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија, меѓу другите одредби, Собранието ја донесе Декларацијата за основите права на граѓанинот на демократска Македонија во која се вели: “Сите граѓани на федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите, не гледајќи ја нивната народност, пол и вероисповест“. На националните малцинства на Македонија се осигуруваат сите права на слободен и национален живот. На секој граѓанин му е гарантирана сигурноста за личноста и имотот, загарантирано е правото на сопственост и чесната иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповест и слободата на савеста. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, собирањето, договорот на слободата и дружението. Уште од првите дни на современата македонска држава се презедоа мерки за итно описменување и оспособување на албанските учителски кадри во Скопје, Тетово и други градови, со цел Албанците да учат на својот мајчин јазик. А голем број на Албанци станаа дел од македонската Влада, институциите и општините. Ако за време на окупацијата Кралството Албанија носеше учители од Албанија, Република Македонија уште од 1944 година создаваше кадри од македонските Албанци. Зарем тоа ќе го нарекуваме геноцид? Дојде и третиот Илинден. Кога во 1991 година ја прогласивме независноста на нашата држава. Македонското општество забрзано се демократизираше. Се создадоа партии на сите националности, кои живеат во Република Македонија. Се доградија уште многу други училишта за нив, а исто така, и универзитети. И еве не вечерва, собрани заедно, да кажеме решително ’не’ на големата невистина, која сакаат да и се накалеми на Македонија и Македонците. Само унитарната држава е гаранција за заедничкиот живот. Двојазичноста е опасност за помалите етнички заедници, а името ни е идентитетот.
Ана Ришинова – историчар, пред Собранието на Република Македонија
|