Илинден #4 –Граѓанска иницијатива за Заедничка Македониjа
ДЕН ЕДИНАЕСЕТИ
9 март 2017 година
Да ви се заблагодарам! И вчера, по дожд и по празник бевме тука. И пак сме. Во огромен број. Дваесет и шест градови низ Македонија. Да повториме што бараме. Бараме безусловно отфрлање на Тиранската платформа и создавање на нова Македонска платформа тука во Македонија. Бараме јасни гаранции дека после отфрлањето на платформата нема никогаш повеќе да се актуализираат барањата, кои се во неа, во ниту една форма. Им порачуваме да не се обидуваат да смислуваат сценарија со кои ќе се обидат да ја протнат на мала врата Тиранската платформа. Треба сите да се свесни, дека веќе единаесет дена, над сто дваесет илјади граѓани, секој ден, гласно и јасно и прецизно порачуваат дека не се за платформи со кои се руши карактерот на македонската држава, со кои се наметнуваат решенија од туѓи држави. Народот, граѓаните на Заедничка Македонија, се господари на оваа земја... Нема да им помине! Им порачуваме на политичарите, послушајте го народот, а не разни емисари, кои доаѓаат, кажуваат нешто и заминуваат оттука. Ние остануваме да живееме во Македонија. Ние знаеме што е најдобро за земјата, за Заедничка Македонија на сите етникуми и вери, за Македонија со почит на различности, за Македонија во која јазикот ги обединува сите, а не смее да биде користен да не разединува. Нема, нема да се откажеме! Секој ден не има се повеќе! Во цела Македонија. Сценаријата за редефинирање на оваа држава нема да поминат. Ние ќе победиме. Заедничка Македонија за сите нас. Да живее Македонија!
Борис Дамовски – режисер, пред Собранието на Република Македонија
|