Илинден #4 –Граѓанска иницијатива за Заедничка Македонија
ДЕН ЕДИНАЕСЕТТИ
9 март 2017 година
Добра вечер, драги Македонци и Македонки! Колку ли песни испеавме за македонски синови и ќерќи, кои ги дадоа своите животи за ова парче земја, за ова парче земја што се вика Македонија. Тие го дадоа најскапото нешто. Својот живот. Тие се во темелите на нашата државност. Тие се во секоја буква од најубавото име на светот, кое и оваа генерација го носи. Тие се во нашите срца. Тие се во нашата крв, народе! И сега некој сака, некој посакува да го продаде тоа. Некој сака, и некој го ставил на тезга името, унитарноста, својот народ, неговото достоинство. Ги продава животите на нашите револуционери. Ги продава нашите претци. Ги продава нашите поколенија. Зарем смее некој тоа да го направи во името на нашиот народ? На целиот народ, и на претците и на поколенијата. Не. Не смее... Никој од нас не смее. Уште повеќе, тоа право го нема никој, ниту целиот народ ниту денешната генерација. Кои сме ние? Кои сме ние, народе? Оваа генерација на Македонци да ги погазиме заклетвите на преродбениците, на ајдутите, на комитите, партизаните. И бранителите. Тие заклетви се испишани со нивната крв. Кои сме ние да газиме по нивните коски. Кои сме ние со еден потпис да ги избришеме нашите претци. Ако некој тоа го стори, драги Македонци, како ли ќе ги пееме нашите песни за Македонија? Како ќе го изговараме нашиот македонски збор? Како ќе мислиме на македонски? Ако го дадеме името сме се закопале во гроб на кој нема да постои натпис со име. Татковината, јазикот, името, им припаѓаат на идните генерации Македонци. Кој е тој, народе, што ќе ја продаде татковината и ќе не остави без свој дом, без своја мајковина? Една моја позната песна вели:
И без Македонија
Негде ќе живеете,
Европа, Америка,
Канада, Австралија.
Но без ова праче земја,
Каде ќе се вратите
Кога младост ќе ви мине,
Старост да дочекате.
Чувајте го ова парче земја, Македонци! Чувајте ја Македонија! Драги Македонци и Македонки! Затоа сме тука на улиците. Низ цела Македонија. Излезени. Полни со чемер во душата. И нема да дозволиме никој да си поигрува со нашата судбина. Нека му е јасно на секој во оваа држава и нека му е јасно на целиот свет, дека македонското име нема да загине! Ќе играме со македонската песна и ќе се веселиме, и ќе плачеме, и ќе ја пееме занавек!
И ние сме деца,
На мајката земја,
На мајката земја,
На Македонија.
И ние имаме
Право да живејме,
Како и другите,
Живот што живеат.
Налеј, налеј, налеј,
Меанџике налеј,
Налеј, налеј, налеј,
Од рујното вино,
Налеј, налеј, налеј,
За Македонија.
Македонија вечна!
Сузана Спасовска - македонска фолк пејачка, пред Собранието на Република Македонија
|